Развој на план за управување со Дојранското Езеро – тема на разговорот на градоначалникот со претставник од „Милиеуконтакт” Македонија

На 13.12.2019 во просториите на Општина Дојран градоначалникот Анго Ангов одржа работен состанок со Петра Поп Ристова, доктор по природни науки, претставник од Милиеуконтакт Македонија и координатор на проектот „Подобрување на биодиверзитетот на Дојранското Езеро преку соработка со сите општествени чинители и спроведување на екосистемски практики” што ќе се спроведува во рамките на заштитеното подрачје.

Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми (ЦЕПФ). Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми е заедничка иницијатива на Француската агенција за развој, Меѓународното здружение за конзервација на природата, Европската Унија, Глобалниот еколошки фонд, Владата на Јапонија и Светската Банка. Основната цел на ЦЕПФ е обезбедување на учеството на граѓанските заедници во конзервацијата на биодиверзитетот.

Проектот го спроведува Здружението за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија, во партнерство со Општина Дојран и здружението на граѓани Полимат 13 од Богданци, во времетраење од две години, односно до Јули 2021.

Главна цел на проектот е да се воспостави одржливо управување со Споменикот на природата Дојранско Езеро. Проектот вклучува активности за директна конзервација на дефинирани локации, со цел подобрување на заштитата на загрозените видови.

Овој проект е насочен кон решавање на прашањата кои се однесуваат на квалитетот на езерската вода, обемот и текот на водата, како и нарушувањето на видовите и живеалиштата.

Проектот содржи две главни компоненти, односно: подобрување на управувањето со Споменикот на природата Дојранско Езеро, и
oддржливо управување, заштита и рехабилитација на езерото преку имплементација на екосистемски практики.

На состанокот се разговараше за развивањето на првиот План за управување со заштитеното подрачје Дојранско Езеро (2020 – 2030) со акциски план, што претставува една од активностите на овој проект, која ќе биде реализирана во соработка со сите засегнати страни.

Дополнително, во склоп на проектот ќе бидат спроведени и обуки за јакнење на капацитетите на локалната администрација за негово спроведување и едукација за Интегрирано управување со речни сливови.

На состанокот исто така се дискутираше за рехабилитација на поплавената пешачка патека, потребите за унапредување на пречистителната станица, како и за подобрување на управувањето со Дојранското Езеро преку блиска соработка со грчките управувачки органи.

Login

Добредојдове! Логирајте се на вашата сметка

Запомни ме Заборавена лозинка?

Lost Password